Образованието за животни вештини поаѓа од базичната премиса дека стекнувањето животни вештини е право на секое дете во текот на неговиот развој. Тоа одговара на потребите на децата на секоја возраст и е флексибилно на реалните предизвици од секојдневниот живот.
Анализите за квалитетот на основното воспитание и образование во Република Македонија покажаа дека е неопходно многу повеќе да се почитуваат законитостите за правилен социјален, емоционален и физички развој на учениците. Затоа со Концепцијата за деветгодишното основно образование се актуелизира образованието за животни вештини на младите генерации. Со новиот Закон за основно образование (донесен во август 2008 година, член 29) исто така е предвидено на часот на одделенската заедница да се разработуваат содржини и активности за личниот и социјален развој на учениците според програма што ја утврдува министерот за образование и наука, на предлог на Бирото за развој на образованието.
Со наставните програми од оваа област се поставени конкретни цели во основното училиште да им се овозможи на младите да ги применуваат своите знаења во градење здрави облици на однесување, а да ги избегнуваат оние видови на однесување што се закана за нивното лично, емоционално и социјално здравје. Во програмите се разработени пет наставни теми на различни нивоа со соодветни активности (од I до III, од IV до VI и од VII до IX одделение). Тие нудат развивање на вештини за прифаќање, разбирање или воочување на појавите и начините на однесување, како и лично учество на ученикот во настаните од секојдневниот живот. Всушност знаењата, вештините и ставовите треба да се стекнуваат и практикуваат во секојдневниот училиштен живот, преку личните и колективните искуства на учениците со методи и постапки кои се ориентирани кон ученикот, како интерактивна и партиципативна единка во средината во која живее и учи.